Детски културен центар - „Карпош “
Детски културен центар - „Карпош“ е реномирана градска институција, со традиција повеќе од седум децении
Повеќе ...
МАНИФЕСТАЦИИ
Детски културен центар - „Карпош“ секоја година, повеќе од седум децении, организира манифестации ...
Повеќе ...
СЕКЦИИ
ВЕ ОЧЕКУВАМЕ, ПРИДРУЖЕТЕ НЍ СЕ !!
Повеќе ...
РАБОТИЛНИЦИ
Повелете посетете ги нашите работилници.
Повеќе ...
ИЗДАВАШТВО
Повелете погледнете ги нашите изданија ..
Повеќе ...

DKC Istorija Zgrada 02

Градот Скопје израснал врз бедемите на многу царства и империи, хранејќи се со правот од чекорите на милиони воини, пиејќи од дамарите на различни култури и цивилизации ја испишал сопствената богата историја ...

 

И така тргнувајќи од калдрмата, премостувајќи ги водите на Аксиос, супер модерниот асфалт не води до една куќа која во своите тули ја носи приказната за цел еден век. Тука помеѓу „Орце Николов” и „Ленинова”, веќе шест децении Детскиот културен центар „Карпош” ширум ги отвора портите за сите генерации и го исцртува дрвото на успеси, кое како стар чинар ги распослал своите корени насекаде во светот.

На почетокот на дваесеттиот век, никој не помислуваше дека оваа зграда ќе ги прегрнува сите деца на Скопје, па дури ни семејството Драга во чиј што вилает влегуваше старата коњушница на местото на Кермес и Езерце, Јазот на Орце Николов со неколкуте воденици и куќата со огромен двор, градена во Викторијански стил, каде и ден денес е сместен, за сите нас добро познат, Пионерскиот Дом „Карпош”.  

 

Се градеше во 1907, а беше вселена 1908-та. Моите родители пролетта 1908 година го дочекаа Уриетот (Младотурската револуција) во оваа куќа. Долу во подрумот беше амамот, каде што доаѓаа деловните пријатели и комшии на татко ми. Имаше машка и женска бања. На првиот кат беа канцелариите, а ние живеевме најгоре. Татко ми беше неимар, тргуваше со дрва, ретко го гледав, зашто често пати беше на пат во Рожај, Косовска Митровица, Каиро, Истанбул, Солун и Бејрут. Во тоа време дрвјата од Косовска Митровица ги носеа со коњи до Скопје, па оттука како готови и обработени се товареа на сплавови за Солун, Каиро и Истанбул. За да се олесни транспортот на најубавите дрвја, мојата фамилија стана иницијатор и донатор на изградбата на продолжението на железницата до Косовска Митровица

раскажуваше последниот жив наследник на семејството Драга, Али Драга, кој со своите деведесет години, последен пат во 1996 година го посети Детскиот културен центар „Карпош”.

Али Драга не живеел многу во куќата во Скопје, зашто набргу по вселувањето заминал на школување во Виена, Австрија, каде дипломирал право. Во Нови Пазар ја сретнал својата многу помлада сопруга и на стари години се враќа во Истанбул, Турција. Последните зборови на Али Драга пред 24 години во Скопје беа:

Јас немам ни рода ни порода, затоа ја оставам оваа зграда како мој аманет во ваши раце за да биде културен дом на сите деца на Скопје.

DKC Istorija Zgrada 01Но не било секогаш така. Семејството Драга се иселува од куќата во 1919 година, при крајот на Првата Светска војна, кога Кралството на СХС ја национализира и во првите години по првата световна војна му ја дава на користење на некој српски чиновник, како заслужен за ослободувањето на тогашна Вардарска Бановина. Но, тој ја прокоцкал куќата за некоја куртизана во Хотелот Бристол, па во 30те години од минатиот век, па се до 1940 година, тука се вселува француски конзул и куќата станува официјален француски конзулат. Од тоа време останала оградата на куќата да не потсетува дека некогаш тука и србите инвестирале, зашто во 1920 под нивна координација, дошле мајстори од Грац и ја направиле можеби најубавата ограда од ковано железо која и ден денес го омеѓува дворот на Домот на културата „Карпош”.

 

Во 1941 година, во неа се вселува германската команда , а кон крајот на истата година куќата и е предадена на бугарската полиција. Во 1945, во куќата се формира првата државна веледрогерија „Реплек”.

DKC Istorija H T Karposh

Годината 1946 по многу настани ќе остане забележана во развојот и активностите на пионерската организација и на нејзините членови во Скопје. Скопските пионери на 22 март, заедно со сите пионери од сите краишта на Југославија, ја прославија првата слободна пролет. Група од 120 пионери организираа марш – поход по врвиците на третата македонска народноослободителна ударна бригада. Ги посетија значајните места во Куманово и околината од деновите на Востанието и НОБ. Ја следеа маршутата на бригадата на Козјак и на самото место се запознаа со борбените дејства во кои загина народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош. Ја посетија неговата родна куќа и се сретнаа со мајка му, која им раскажуваше за детството, училишните години и борбата на Карпош.

По враќањето во Скопје, тие едногласно решија да продолжат да другаруваат и одлучија да формираат културно – уметничка група. Името на групата спонтано и со одушевување го избраа – „Карпош”, а себе се нарекоа „Карпошовци”.

Почнаа да се собираат во визбата на зградата во која се наоѓаше Градскиот комитет на народната младина. Одржуваа проби на рецитаторска и драмска секција. подоцна формираа хор и играорна група. Организираа приредби и одржуваа разновидни настапи во градот, работните колективи и на Радио Скопје. учествуваа на смотри и фолклорни фестивали во Скопје, Битола и Штип по повод 11 Октомври.

НЕКА 1947 БИДЕ ГОДИНА НА УШТЕ ПОГОЛЕМ РАБОТЕН ПОЛЕТ НА МЛАДАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ЈУГОСЛАВИЈА НЕ САМО ВО ИЗГРАДБАТА НА НАШАТА ЗЕМЈА, ТУКУ СЕКАДЕ КАДЕ РАБОТИ И УЧИ МЛАДИНАТА.

– им порача другарот ТИТО на сите пионери ширум СФРЈ, честитајќи им ја новата година..

DKC Istorija Pismo TitoТрадициите и искуството на пионерската организација во Скопје од годините на НОБ и Револуцијата и од повоената социјалистичка изградба, зголеменото интересирање на пионерите за нови содржини во работата, кадровска оспособеност на пионерската организација со раководители и стручно – воспитен кадар, како и потребата од натамошен развој на пионерската организација (притоа имајќи ја предвид хомогената културно – уметничка група „Карпош” во која беа развиени разновидни активности и пионерска самоуправа) беа битна претпоставка за организирање на пионерски дом.

Сите сакаа да станат членови на групата „Карпошовци”, па им дадоа простории во Средното музичко училиште во кои се создадоа подобри услови за работа. Бројот на членовите двојно се зголеми и секојдневно растеше. Двете приземни простории не можеа да го соберат бранот на нови членови

Сето тоа, во 1947, го разгледуваше Земското веќе на Народната младина на Македонија и одлучи да покрене иницијатива пред Министерството за просвета на Владата на НР Македонија да се донесе одлука за основање на пионерски дом во Скопје. Иселувањето и адаптацијата на зградата се изврши есента 1947 и пролетта 1948 година. Во тоа време се именува и раководниот и стручно – педагошкиот тим и се избраа пионерските раководители кои извршија подготовки за свеченото отворање на домот.

По одлука на тогашната комунистичка влада, во јуни 1948 година во просториите се вселува Централниот Пионерски Дом на Пионерите на Македонија. Големиот двор на куќата се користел за редовно постројување на илјадниците Пионери на Македонија. За време на прославата на „Детската недела” на 6 јуни 1948 година, министерот за просвета на Владата на НРМ, проф. Димче Мире, свечено ја пресече лентата и ја отвори вратата на Домот.

ОДНОСОТ ПРЕМА ДЕЦАТА Е ОДНОС ПРЕМА ИДНИНАТА НА ЧОВЕШТВОТО. АКО САКАМЕ ДА ИЗГРАДИМЕ СВЕТ НА МИР, ПРИЈАТЕЛСТВО, РАМНОПРАВНОСТ И СОЦИЈАЛНА ЕДНАКВОСТ, МОРАМЕ УШТЕ ДЕНЕС, ДА ГО ОБЕЗБЕДИМЕ ТОА НА НАШИТЕ ДЕЦА...
ОД АНГАЖИРАЊАТА ЗА ДОБРОТО НА ДЕТЕТО И НЕГОВАТА СРЕЌА, НЕ САМО ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА, ТУКУ И ВО СЕКОЕ КАТЧЕ ОД ОВАА НАША ПЛАНЕТА, НЕ МОЖЕ ДА ИМА ПОБЛАГОРОДНИ ДЕЛА. ГРИЖАТА ЗА ДЕЦАТА, НИВНА ЗАШТИТА И ПОЛОЖБА Е СОСТАВЕН ДЕЛ НА БОРБАТА ЗА ПРОГРЕС, ЗА ПОДОБРО РАЗБИРАЊЕ И ПРИЈАТЕЛСТВО МЕЃУ ЛУЃЕТО, ЗА СРЕЌА И БЛАГОСОСТОЈБА НА НАРОДОТ ВО ЦЕЛОСТ...
– ТИТО

Во 1962 година, по полавата во Скопје, подрумот беше комплетно под вода и така беа уништени сите документи од архивата на домот. Таа година Домот го посетија голем број амбасадори, но и тогашниот секретар на Обединетите Нации, Утант. Матните води на надојдениот Вардар, во ноември 1962 година, најжестоко го погодија делот на Скопје, токму помеѓу улиците „Илинденска” и „Орце Николов”, каде што во тоа време се наоѓаше, а и ден денеска стои обновената зграда на Домот. Архивата и документацијата што се наоѓаа во подрумот на Домот, неповратно беа уништени, а во голема мера беа уништени и опремата и уредите на техничко – моделаторската работилница како и некои други лаборатории. Она што поплавата го почна, земјотресот го докрајчи, зашто ја разниша целата зграда на Домот и ја направи неупотреблива за било каква активност. Пионерите на Југославија во тоа поземјотресно време ја покажаа својата висока свест за солидарност и покренаа акција за собирање средства за изградба на пионерски спомен – дом во Скопје „Братство и единство”. Собраните средства не беа доволни за да се изгради нов Дом, меѓутоа ги покрија трошоците за реновирање и санација на зградата во која и денес работи Пионерскиот Дом „Карпош”. Во меѓувреме вработените во домот работеа во една напуштена и руинирана барака на улицата „530”, недалеку од училиштето „29 Ноември”. Тоа е времето на првите денови од 1965 година и новиот почеток на Пионерскиот дом „Карпош”, за што се заслужни група ентузијасти, вљубеници во детската среќа. Плодната активност на Домот кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век беше овозможена и поткрепена со значајно збогатување на материјално – техничка база. Имено, тогаш се набавени поголем број технички помагала, музички инструменти, нагледни средства и една библиотека со фонд од пет илјади книги.

DKC IstorijaОбновен и реновиран Домот свечено беше пуштен во употреба на 1 јуни 1970 година. Во оваа мала зградичка во центарот на Скопје, поставени се темелите на многу денешни институции. Така во 1955, во дворот е изградена првата градинка во Скопје, за подоцна таа да стане канцеларија на Сојузот за социјалистичко воспитување на децата т.е. Пионерскиот Сојуз. Секцијата за меѓународно пријателство, формирана на 29 ноември 1967 година, подоцна прерасна во Клуб на млади амбасадори. Клубот, одвивајќи ја својата активност под паролата „СЕ ЗА МИРОТ ВО СВЕТОТ – СЕ ЗА ДОБРОТО НА ДЕЦАТА”, воспостави врска со сите пионерски домови и центри во Македонија и во поранешна Југославија, со Информативниот центар на ОН за Југославија и Албанија, со седиште во Белград, а беше регистриран и во самата Организација на Обединетите нации во Њујорк.

Од формирањето во 1967 година, па до денес, Фолклорниот ансамбл „Карпош” е најброен колектив на Домот. Веќе во првата година имаше 168 играорци и 14 членови на народниот оркестар, а денеска таа бројка е над 250 членови.

Во текот на 1965 година, во домот беа отворени фото и кино секција. Фото секцијата работеше се до 1979 година, додека кино – секцијата, иако со мали прекини, работи и ден денес. Круна на оваа дејност беше Првата Југословенска смотра на филмското творештво, одржана во јуни 1969 година, организирана од Домот и Републичкиот совет за грижи и воспитување на децата на Македонија.

Литературната дејност, како една од најстарите во Домот, постои уште од првите денови на „Карпош”, а во 1965 година добива и повисока форма на работење – Литературен клуб. Во нејзините рамки беа имплементирани групите за рецитации, драмски изведби и новинарство.

Секогаш со стремеж да биде актуелен и во чекор со времето „Карпош” прв почна со една масовно организирана и добро програмирана дејност на полето на сообраќајната култура. Домот во пролетта 1969 година го организира првиот „ПИОНЕРСКИ СЕМАФОР”. Од тогаш овие републички натпревари се одвиваа секоја година без прекин. Во тој период се наметна и потребата од сообраќајно воспитување на децата од предучилишна возраст. Уште еднаш Домот е прв со активностите на „Весел детски семафор”, што се уште се одржува во Скопје и ги активира Градскиот совет за безбедност на сообраќајот на Град Скопје.

Во Пионерскиот дом „Карпош”спортот, физичката култура и спортската игра се негуваат од неговото отворање. Познати се првите слетови, многубројните гимнастички и други спортски активности. Меѓу нив најголема традиција имаат пингпонгот и шахот. Задржувајќи се особено на шахот, во 1965 година тука во Домот беше одржано Првото првенство во шах за пионери на ниво на Македонија, па оттогаш датира и Шаховскиот клуб.

DKC OBJEKTТука во Скопје, во организација на Детскиот пионерски дом „Карпош” во 1972та, за прв и последен пат во Македонија, се одржа Светската шаховска олимпијада. Меѓу другото, пионерите имаа можност да играат партии со најпрочуените мајстори на древната игра.

Полна со креативност, рекреација и забава е манифестацијата „СНЕЖЕН ГРАД” која има југословенски карактер. Прв пат организиран 1969 година „Снежниот град” е манифестација на другарството, љубовта, братството и единството, манифестација на навистина масовен детски и младински туризам.

Од балетската секција е формиран ансамблот на Балетот на Македонската Опера и Балет, зашто своите почетоци тука ги имаа Натка Пенушлиска,Олга Милосављева, диригентите Чавдарски и Лековски.

Од драмската секција, прво е формиран детскиот куклен театар, кој потоа прерасна во театар за деца и младинци, а од него подоцна израсна Драмскиот Театар во Скопје. Од моделарската секција потоа се востанови Народна Техника.

 

DKC DirektorДетскиот културен центар - „Карпош“ како културно образовна институција со долгогодишна традиција го организира и осмислува слободното време на децата во воспитно образовна и творечка работа, како во духот на македонската традиција така и во следење на новите светски достигнувања во Установите од овој тип.

Ова е место каде од најрана возраст се градат вредности, смислата за солидарност и хуманост, за другарување, за ширење на пријателства преку слободно мислење и изразување, се рушат границите и се отвараат патиштата за реализирање на безграничните детски соништа.

Тоа е храм каде децата можат да ги реализираат своите соништа, а ние им ја подаваме раката да се искачат на скалилата и да го достигнат и остварат својот сон. Тргнувајќи од фактот дека детето треба да ја развива својата личност, да расте во атмосфера на среќа, љубов и разбирање и во иднина во целост ја преземе одговорноста во заедницата, секогаш ќе се раководиме од начелата на Конвенцијата за правата на детето.

Дел од активностите што ќе се реализираат во Детскиот културен центар - „Карпош“ ќе бидат посветени на настаните кои ги организира Градот Скопје и државата. Останатиот дел од активностите ќе придонесат за афирмирање на вредностите на животот во градот и државата, и на Установата преку развивање и негување на таленти во различни области и градење самодеврба кај нив.

Нашата намера е вклучување и давање поддршка на децата со посебни потреби, родова сензитивност и безбедна средина - јакнење на ненасилно однесување, развивање свест кај децата за чиста и здрава животна средина преку различни активности.

Една држава колку вложува во децата, толку ќе стане побогата во иднина!

 

ДИРЕКТОР
д-р Билјана Лалчевска Серафимовска

 DKC 400x300

Првите мали чекори, во своите големи кариери, во оваа институција ги направија: 

  ДИРИГЕНТИ
  Александар Лековски
  Ванчо Чавдарски
  ВОКАЛНИ СОЛИСТИ
  Ана Стаменковиќ Дурловска
  Маја Грозданова - Панчева
  Славка Младеновска
  Сузана Спасовска
  Елена Ристеска
  РЕЖИСЕРИ
  Коле Англеовски
  Слободан Унковски
  АКТЕРИ
  Зафир Хаџиманов
  Дејан Лилиќ
  ПРИМАБАЛЕРИНИ
  Натка Пенушлиска
  Олга Милосављева
  Емилија Џипунова
  ИНСТРУМЕНТАЛИСТИ
  Симон Трпчески
  Стојан Димов
  Горан Алачки
  Јове Кекеновски
  Милан Зафков
  Стефче Стојковски
  Зоран Марковски
  Мартин Вучиќ
  КОМПОЗИТОРИ
  Љупчо Трајковски - Фис
  д-р Томислав Таневски

 

 

DKC 400x300

ОРГАНОГРАМ НА ЈУ Детски културен центар - „Карпош“, Скопје

DKC ORGANOGRAM 

 

 

  Директор
  д-р Билјана Лалчевска Серафимовска
direktordkckarpos@yahoo.com
++389 (0)2 322 8 111
pdfБиографија на директорот

 

  Административна служба
  Катерина Ѓуровска, соработник за материјално – финансиско работење
dkckarposfinansii@gmail.com
++389 (0)75 463 787

 

  Стручна служба
  Ирина Костовска, друг стручен соработник за програма
dkckarpos1@gmail.com
++389 (0)75 291 665
  Георги Трајков, стручен соработник за музичко сценска дејност
gtrajkovdkc@gmail.com
++389 (0)71 249 291
  Јулијана Јакофоска Георгиевска, стручен соработник за фолклор
dkckarposjulijana@gmail.com
++389 (0)71 224 514
  Бојан Тодоровски, друг стручен соработник на програма за внатрешни, надворешни манифестации и соработка со училишта
dkckarposbojan@gmail.com
++389 (0)70 274 119
  Стојан Христов, друг стручен соработник за спорт
dkckarpos.stojan@gmail.com
++389 (0)70 258 031
  Татјана Милановиќ, соработник за балет
t.kiprovski1@gmail.com
++389 (0)71 251 829
  Марко Младеновски, Кореограф/етнокореолог
dkckarposmarko@gmail.com
++389 (0)72 867 474

 

Помошно техничка служба
техничар за тон
возач
хигиеничарки

Надлежностите на ЈАВНАТА УСТАНОВА ДЕТСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР „КАРПОШ“ - СКОПЈЕ се утврдени во Законот за култура („Службен весник на РМ“ бр.31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18) и Статутот на установата.

Врз основа на наведениот закон, донесени се и повеќе подзаконски акти, односно попрецизно се определува начинот на извршување на одделни надлежности.

Организациските единици во ЈУ Детски културен центар „Карпош“ - Скопје имаат надлежности односно обврски од: Законот за вработените во јавниот сектор, Закон за административни службеници, Закон за работни односи, Закон за постапување по претставки и предлози, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, Закон за архивски материјал, Закон за јавни набавки, Закон за заштита на лични податоци и други.

Согласно Законот за локална установата со свој акт ја основа Советот на Градот Скопје.

Локалната установа, ЈУ Детски културен центар „Карпош“ – Скопје, се основа заради вршење на дејности од областа на културата кои се од јавен интерес, а кои придонесуваат за развојот на образованието и трајно ги задоволува културните и другите потреби на пошироката јавност.

Установата е непрофитна установа од областа на културата, која во согласност со стручните начела има дејност извршување вонучилишна, воспитно образовна, социјална, забавна и рекреативна дејност во вид на редовни активности, манифестации, прослави и оддбележувања под шифра 90,04- дејности на објектите за културни манифестации, извори на информации и обезбедува пристап и користење на истите, обезбедува услуги.

Во извршувањето на дејностите од јавен интерес, се почитуваат следниве принципи:-сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, транспарентност, достапност и заштита на корисниците. Согласно Законот за култура, Статутот на ЈУ Детски културен центар „Карпош“ - Скопје и дејностите кои се регистрирани во централнот регистар на РМ, установата во рамките на својот делокруг на работење како приоритетната дејност ја има 90,04- дејности на објектите за културни манифестации.

DKC 400x300

Најнови содржини

Актуелно